Ракометарите на Вардар следната сезона ќе имаат нов тренер и тоа ќе биде поранешната легенда на оваа екипа, Иван Чупиќ.
Некогашниот хрватски репрезентативец ќе го наследи Гилјермо Милано и ќе добие можност да се врати во СЦ „Јане Сандански“, каде постигна историски резултати како член на „црвено-црните“.
Во кратката тренерска кариера Чупиќ досега го водеше матичниот клуб Метковиќ, а по искуството во хрватското првенство, сега се сели во Скопје, каде денеска беше промовиран од Вардар на официјална прес-конференција.
Милано претходно мораше да замине од клубот по разочарувачкиот финиш на сезоната и поразот од Еурофарм Пелистер во директниот дуел за титулата во македонското ракометно првенство.
Во стручниот штаб на Чупиќ ќе биде и Марио Келентриќ, кој веќе е промовиран како нов тренер на голманите.
Првиот човек на клубот, Михајло Михајловски, го претстави новиот проект кој стартува со ангажманот на Иван Чупиќ.
„Вардар минатата сезона, за жал, го освои само Купот, а во Европа буквално за влакно не ја поминавме групната фаза. Многу сум разочаран што ја загубивме титулата дома. По тој меч, цела недела не сакав да зборувам за ракомет. Го победивме Пелистер во Битола во пеколна атмосфера, потоа и во Купот лесно го победивме, а на крајот кога требаше дома да славиме, загубивме. За мене, најголем виновник за тој пораз беше тренерот, а потоа играчите. Во новата сезона целта е конечно по три години пост да ја освоиме титулата, а, секако, и Купот да го одбраниме. Во Лигата на Европа целта ќе ни биде да бидеме во топ 8“, изјави Михајло Михајловски.
„Паметите кога во 2017 година Чупиќ во последна секунда му даде гол на ПСЖ за да ја освоиме титулата. Тој уште тогаш покажуваше амбиции да биде тренер, дури и ми предложи тогаш да почне да работи како тренер кај нас. Тогаш тоа ми беше шокантно и го одбив, но сега е подготвен за оваа работа. Тој ќе биде прв тренер на Вардар во новата сезона“, најави Михајловски.