Семејството Бас се согласи да го продаде контролниот удел во Лос Анџелес Лејкерс на Марк Волтер, извршен директор и претседател на холдинг компанијата „TWG Global“, пренесува ESPN.
65 годишниот Волтер е американски бизнисмен кој веќе има удели во други спортски институции и натпреварувања. Според „Форбс“, тој е рангиран на 589-то место на листата на најбогати луѓе во светот. Неговото богатство се проценува на 6,1 милијарда долари.
Волтер е извршен директор на TWG Global, која управува со средства преку фирми како што е „Гугенхајм партнерс“, каде што е и извршен директор. Компанијата управува со средства во вредност од над 300 милијарди долари.
Договорот е вреден 10 милијарди долари. Џини Бас ќе продолжи да ја извршува функцијата извршна директорка на клубот по продажбата.
Како што забележува „Yahoo Sports“, ова сега е најголемата продажба на професионална спортска франшиза во светот.
Претходно, Бостон Селтикс беа купени за 6,1 милијарди долари.
Во сезоната 2024/25, Лејкерси го зазедоа третото место во Западната конференција на НБА со скор 50-32 (победи-порази). Во осминафиналето на плејофот Лејкерси загубија од Минесота со 1:4.