Министерството за внатрешни работи (МВР) тајно почнало процес за нов систем за издавање лични карти, соопшти на денешната прес-конференција портпаролката на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Богданка Кузеска.
Од денешната прес-конфееренција на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска / Фото: Принтскрин
Повикувајќи се на јавно достапни информации, таа рече дека веќе е ангажирана фирма, без какво било искуство во оваа област.
„Фирмата досега правела студии за отпад и стадиони, а сега треба да прави студија за систем со највисок степен на доверливост – издавање на лични карти и пасоши“,кажа портпаролката на СДСМ.
Кузеска посочува дека во тендерската документација не се бара безбедносен сертификат за лицата што ќе имаат пристап до податоците, што е крајно сомнително и несоодветно.
„Нема гаранција ниту за заштита на доверливи податоци на државата и граѓаните. Зошто? Сѐ ова се прави без транспарентност, далеку од очите на јавноста и крајно сомнително“,вели таа.
Според неа, МВР сака да го централизира целиот систем, од производство до издавање документи, без контрола, без надзор, без јавност, без сертификати, а тоа додаде дека не е модернизација, туку рецепт за злоупотреба.
„Се поставува прашањето дали ова значи дека повторно се подготвуваат сценаријата како од времето на Никола Груевски, кога МВРО-ВМРО насовно издаваше незаконски лични карти и спроведуваше незаконско гласање“,праша таа.
Кузеска упати и директни прашања до министерот за внатршни работи Панче Тошковски, зошто се ангажира фирма без релевантно искуство и без безбедносен серитфикат и кој може да гарантира дека нема да има масовно издавање на нови документи непосредно пред изборите.