Интер Мајами конечно стави крај на негативната серија и се врати на победничкиот пат со сигурна победа од 4-1 против Њујорк Ред Булс во натпревар од МЛС лигата.
Фудбалерите на тимот од Мајами прикажаа убедлива партија пред домашната публика, а најзаслужни за триумфот беа ветераните Лионел Меси и Луис Суарез, кои постигнаа по еден гол.
Ова беше прв погодок за Меси по четири натпревари без реализација, со што ја прекина својата кратка голгетерска суша. Покрај него и Суарез, во листата на стрелци се впишаа и Фафа Пико и Марсело Вајганд. Единствениот погодок за гостите беше дело на Ерик-Максим Чупо Мотинг.
По овој триумф, Интер Мајами се искачи на четвртата позиција во Источната конференција со вкупно 21 освоен бод, при што има и еден одигран натпревар помалку во однос на ривалите.
Победата доаѓа во вистински момент, откако екипата претходно беше елиминирана од КОНКАКАФ Купот на шампионите, загубувајќи двапати од Ванкувер.