Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, кој доаѓа од редовите на коалицијата „Влен“, вчера требало да присуствува и да има свое обраќање на настан на ОН за жени во Њујорк, САД, но не отпатувал бидејќи бил одбиен за виза. Информацијата дека Лимани не добил американска виза на социјалната мрежа Фејсбук ја споделија од „Европскиот фронт“, коалицијата предводена од ДУИ, поранешната матична партија на Лимани.
„Дали ти дадоа американска виза, Фатмир? Дали Али Ахмети е виновен за вашите скандали?“,прашаа од „Европскиот фронт“.
На ова реагираше министерот Лимани, кој на својот личен фејсбук-профил, како главен виновник за тоа што не добил виза, го посочи својот роднина – лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Причината за ‘пречката за слободно движење’ произлегува од фактот што жртвував сè за да го вратам Али Ахмети (заедно со неговите деца и пријатели) во неговата татковина користејќи начини и средства кои не се дозволени со меѓународното право. Ова нека послужи како потсетник за идните генерации да внимаваат кому му веруваат и за што се жртвуваат, за да не се осудат на вечно ропство. Ако сакате подетално објаснување… кажете му на Али Ахмети да избере дебатна емисија и телевизиска куќа и ќе бидете поинформирани… Движењето и ‘борбата’ за права на својот народ ме ‘осудува’, а вас криминалот и кражбата на вашиот народ“,реагираше Лимани на Фејсбук.
Амбасадата на САД често знае да ги одбие визите на политичари, посебно кога станува збор за корупција. Порано се зборуваше и дека на еден министер на ДУИ не му беше дадена виза, а потоа на црната листа на Стејт департаманетот беше ставен екс вицепремиерот Артан Груби.