Она што на Македонија ѝ недостига за успешно завршување на болниот процес на транзиција е голема идеја – визија која ќе ја диференцира нацијата и ќе ја направи препознатлива на светската сцена. Историјата покажува дека најуспешните мали нации кои постигнале трансформација и спровеле длабоки реформи, го направиле тоа преку ваква обединувачка идеја, смета поранешниот министер за финансии Кирил Миноски.
Примери за идеи на основ на кои се трансформира општеството и економиите:
Естонија: Големата идеја за дигитализација ја претвори оваа мала нација во лидер на Европа во користење дигитални алатки, креирајќи препознатлив бренд кој привлекува инвестиции и иновации.
Сингапур: Борбата против корупцијата и изградбата на високоефикасна администрација го поставија темелот за економскиот просперитет на државата.
Ел Салвадор: Воведувањето на биткоинот како официјална валута, заедно со инвестиции во крипто-инфраструктура, го стави Ел Салвадор на мапата како пионер во алтернативни економски модели.
Аргентина (Милеј): Визијата за стопирање на инфлацијата, намалување на државната администрација и даноците ја враќа довербата во пазарната економија.
Што значи големата идеја за Македонија?
За Македонија, големата идеја би требало:
- Да биде визија која ќе ги мобилизира граѓаните и ќе инспирира доверба во реформите.
- Да отвори економски приказни кои ќе бидат конкурентни на глобалната сцена.
- Да понуди автентичен идентитет кој ќе биде препознаен дома и надвор.
Можеби тоа би било целосна дигитализација на државата, равој на зелена економија и одржлив развој или развој на иновативни технологии. Или пак, идеја која ќе го интегрира регионот преку енергетска независност или образование. Она што е важно е дека оваа визија мора да биде јасна, храбра и прифатена од сите.
Големата идеја е повеќе од економска стратегија – таа е основа за нов национален наратив и идентитет. Време е Македонија да ја пронајде својата! пишува Миноски.