Во 2020 година, просечната цена на еден квадратен метар станбена површина во Општина Центар, Скопје, изнесувала околу 970 евра. До јануари 2025 година, таа достигна над 1.800 евра, што претставува раст од 85% пишува поранешниот министер за финансии Кирил Миноски.
Но, дали цената на градежните материјали и трошоците за работна сила пораснале во иста мера? Не. Иако има зголемување на цените на железото, цементот, циглите и работната рака, нивниот пораст не ја оправдува оваа драматична експлозија на цените на становите. Ова укажува дека дополнителни фактори – зголемената побарувачка, ограничената понуда и зголемените маржи на инвеститорите – имаат значајно влијание врз растот на цените.
Во услови кога државата размислува за контрола на маржите на основните намирници заради заштита на стандардот, се поставува прашањето – зошто истото да не се примени и во градежниот сектор? За разлика од пазарот на храна, каде долгорочното решение е зголемување на домашното производство, во градежништвото државната интервенција на страната на понудата (социјални станови, олеснување на регулативата за нови проекти) е сложен и долг процес. Затоа, неопходно е веднаш да се разгледа можноста за регулирање на маржите во градежниот сектор за да се спречи неконтролиран раст на цените.
Растот на цените на недвижностите без контрола води до финансиска нестабилност, намалена достапност на домување и потенцијално иселување на населението во потрага по подобри услови за живот. Покрај тоа, високите цени на недвижностите и рентите поттикнуваат рентиерско однесување наместо претприемништво – а токму претприемништвото е двигател на економскиот развој и напредокот, смета Миноски.