Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во подготовка е писмо со нови предлози за тоа како да продолжат преговорите со ЕУ. Опозициската СДСМ, пак, вчера излезе со став дека нема да ја кочи иднината на земјава за политичка корист и дека ќе даде поддршка ако се обезбеди одложена примена на уставните измени.
Мицкоски најави дека во подготовка е писмото до ЕУ со нови идеи како да се продолжи преговарачкиот процес на државата.
-Писмото до ЕУ е во подготовка, пред да го испратам сакам да имам појасна слика до каде сме и што можеме да направиме, изјави на прес-конференција Мицкоски, во одговор на прашање до каде е подготовката на писмото со кое ќе даде нови идеи за продолжување на преговорите и дали очекува поинаква опција или оптимизам од Унијата.
-Не би се согласил дека нема оптимизам. Не би се согласил со ставот дека таму не постои разбирање за нашите позиции, одговори Мицкоски, додавајќи дека ако не се смени Преговарачката рамка тогаш „најдобро е да прифатиме се и да се избришеме’.
Премиерот минатиот викенд најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси и повтори оти не прифаќа диктати.