Oд кога почнав да се занимавам со политика тврдам – на македонското прашање му е потребна енергија и на Македонија и е потребна долгорочна стратегија за развој со сопствени сили. И сметам дека денес дојде денот да го обзнаниме тоа и да отпочнеме еден сериозен проект, рече премиерот Христијан Мицкоски на обележувањето на државниот празник 23 Октомври – Ден на македонската револуционерна на Свечената академија под слоганот „Завет кој обврзува” во Музејот на македонската борба.
„На овој ден сакам да иницирам еден проект кој владата ќе проба да го договори со Македонската Академија на Науките и Уметностите и со универзитетската заедница, проект кој ќе биде сеопфатен и преточен во стратегија на државата до 2050-та година, со кој ќе се дефинираат приоритетите на развој на државата, демографските предизвици, економските цели, и како да се стигне до нив, земјоделски, технолошки развој, енергетски и транспортен развој, и така натаму. Значи сеопфатна стратегија која ќе ја дефинира новата парадигма на современата држава на Македонците и другите кои живеат тука. Ние мора да ги користиме знаењата на сите кои можат да помогнат, ние мора да се обединиме и да поставиме долгорочни цели за развој на државата, а потоа ќе побарам широк партиски консензус за прифаќање на таа стратегија. На државата тоа и недостасуваше со години. МАНУ и научните умови беа маргинализирани и насочени само кон своите проекти и научни цели, но мора да се вклучат и да помогнат во развојот на државата и во поставување на нејзините цели и приоритети. И пред да слушнам коментари дека ова доаѓа откако се обзнани идејата за албанска академија, еве, јавно порачувам дека во изготвување на таа стратегија секако се очекува да бидат вклучени најдобрите умови од сите етнички заедници и нема простор тука од етнизација на темата. На граѓаните на оваа земја потребна им е стратегија и преку глава им е од водење на државата ден за ден“, истакна Мицкоски и додаде:
„Ако имало стратегија и заеднички приоритети и патоказ како да се постигнат, немаше да чекаме 20 и кусур години да не признаваат земји под уставното име, според стратегијата на Глигоров, дека времето работи за нас, која не велам дека беше неисправна, сигурно имале свои причини за тоа Македонија беше кревка и на раб на војна и поделби и тоа беа сложени времиња, но сепак, сето тоа, за да откриеме дека во 2017-та ќе дојде на власт во државава некој кој нема никакво чувство за македонските национални интереси, кој смета дека рибата смрди од опашката и само го интересира бизнис и е спремен да тргува со секого, или некој кој мисли дека ако игра тврдо ќе има гласови и притоа ќе може да врви се, или друг кој ќе земе пасош од соседна држава сакајќи да се спаси од прогон откако ќе ја ограби сопствената, а потоа ќе ни мудрува како требало и од една комоција ќе држи предавања онака со ноншалантност притоа паралелно ќе глуми тајкун низ светот. За да не доаѓа до такви моменти потребно е долгорочна стратегија чии главни точки и стратешки цели нема да зависат од лакомоста на политичарите, ниту од нивното незнаење. Или што ќе беше ако прашањето за името се решеше 1990-та година? Каде ќе беше денес Македонија?
Јас не викам дека јас сум најдобар, напротив и јас има работи кои ги учам со оваа професија, и самиот си увидувам грешки па се трудам да ги исправам, сакам да слушнам различни мислења и охрабрувам дебата, јас верувам во демократијата и во потенцијалот на демократијата, но истовремено јас сакам да ги соберам најдобрите и заедно да работиме за државата да оди напред“.
И МАНУ наместо да се конформира со секоја власт, нагласи Мицксоки, и да има внатрешни лобирања и трговија кој да стане академик, а кој не, ја поттикнувам да истапи напред да стане видлива и да се придружи во напорите на за дефинирање на стратегија на државата.
„Јас ги почитувам тие луѓе бескрајно. Потекнувам од универзитетската заеница и знам што значи титулата која ја имаат. Од нив може многу да научиме и тие се духот на нашата земја и дел од нашиот идентитет. Иако и таму како и во други места има и луѓе кои не заслужуваат да се академици, но не е мое јас да судам, сепак меѓу нив си се познаваат сите добро, но сепак тие луѓе и се потребни на Македонија, сега повеќе од кога било.
Секоја Академија на науки од соседството соработува со својата државата, и придонесува кон градење на стратегиите на државата, нашата мора да го добие заслуженото место на почит, но и на одговорност.
Еве да ја почнам јавно дебатата кон која треба да се насочиме: Македонија во наредните 70 години е на пат да исчезне. Тоа е една генеррација од сега.
Зошто никој до сега не ја отворил оваа тема?
Според анализите на Стратфорд од земјава до 2050та ќе има 400 илјади луѓе помалку. Дали знаете што значи тоа за општеството, економијата и за државата? Населението кое се иселува е работоспособно.
Сериозни држави планираат со десетици и стотици години нанапред“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека после договорот за Хонг Конг и Британците и Кинезите излегле среќни. Кога ги прашале Британците зошто се радосни, тие одговориле во наредните 100 години Хонг Конг ќе биде наш, а кога ги прашале Кинезите зошто сте вие радосни, тие рекле, после 100 години Хонг Конг ќе биде наш. 100 години оттогаш одамна поминаа. Хонг Конг е сега кинески.
Историјата може многу да не научи и стратешкото размислување и планирање може и мора многу да ни помогне во периодот кој следи за нашата држава.
„Кој ако не МАНУ, требаа да се организира во изнаоѓање лек за ова и во дефинирање на најголемите предизвици во иднина на државата“, посочи Мицкоски и продолжи:
„Како ќе функционира држава со таква диспропорција на население и толку малку луѓе кои ќе работат, да не кажам од нив повеќе под пола во администрацијата. Кој ќе ја одржува таа држава?
Знае ли некој од овие кои досега ја воделе државата – каде оди Македонија??? Размислил ли некој и отворил дискусија за клучните прашања за оваа држава? Демографија со миграцијата и наталитетот? Вредностите кои треба да ги имаме? Приоритетите кои мора да ги решаваме. Како да посадиме денес, за идните генерации да жнеат плодови. Дајте да дефинираме што а нејважно, кои се нашите приоритети и да одиме напред“, зкалучи Мицкоски.