Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази очекување за зголемување на бројот на инвестиции до крајот на годината.
Имаме една добра инвестиција која што е веќе завршена и уште неколку коишто се во процес на завршување. Очекувам до крајот на годината и тие да ги завршиме. Ова е инвестиција на компанијата „Бреинчајлд“, вредноста е некаде околу 8,5 милиони евра и очекувам и таа да вработи околу стотина луѓе. Веќе ја закупија парцелата во зоната Жабени, почнуваат да ја градат првата хала од три илјади метри квадратни, така што во периодот којшто следи ќе бидеме сведоци на уште нови и успешни вести и очекувам бројот на странски инвестиции драматично да се зголеми до крајот на годината – рече Мицкоски.
Во однос на втората транша од заемот од Унгарија, тој вели дека уште во кампањата кажал дека ќе донесат една милијарда евра.
Овие 500 милиони веќе стигнаа на сметката или во текот на утрешниот ден ќе стигнат на сметката на Народната банка и тие 250 милиони ќе бидат насочени кон бизнисот, останатите кон реализирање на капитални инвестиции. Останатите 500 милиони евра рековме дека ќе ги земеме доколку не успееме да најдеме подобри услови, односно средства со коишто ќе ја вратиме еврообврзницата која што е земена од претходната влада во 2018 година, а која што истекува на 25 јануари 2025 година. И за да го стигнеме рокот почнуваме со преговори. Доколку успееме во меѓувреме со пониска каматна стапка, подобри услови нормално дека тие ќе ги земеме нема да одиме со овие 500 милиони евра (вторите). Но, ние најавивме една милијарда и таа милијарда ја носиме. Јас тоа што сум го кажал тоа и го испорачувам. Јас не се занимавам со политика на импровизации – кажа Мицкоски во одговор на новинарски прашања при посетата на тетовско Брвеница.