Македонија е свесна за демографските проблеми со кои се соочува и нема проблем да го признае тоа, рече Премиерот Мицкоски во обраќањето на дебатата „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“ која утрово се одржа во Владата.
Премиерот рече дека во насока на поттикнување на наталитетот, Владата сериозно размислува за воведување на посебни даноци за лицата кои не стапиле во брак „Оваа Влада не го премолчува проблемот, го именува, го признава и се бори со него. Но, што значи таа борба? Тоа не е борба со едно министерство, тоа е борба на сите нас. Борба што се води во градинките, во училиштата, во родилиштата, во домовите, во иселеничките клубови, на граничните премини каде се простуваат мајки и синови. Се надевам, професор Јаневска, дека оваа година читанката нема да биде “Мама, тато и јас”, туку ќе биде “Бато, дада, јас, мама и тато”. Затоа нашата борба е да го направиме животот овде вреден. Да го направиме мајчинството благослов, а не товар.
Да им дадеме на младите причина да останат. Да изградиме институции што не ја трошат туѓата младост, туку ја негуваат. Да изградиме држава во која надежта е поважна од пасошот. Знаеме дека нема магично решение, но има намерна, постојана државничка борба. И ние ја почнавме. Секоја мерка, секоја инвестиција, секоја политика што ја носиме е со цел да ја вратиме вербата. И тука сериозно размислуваме за воведување дополнителни даноци за немажени и неженети.“ – рече премиерот Мицкоски