Компанијата „Реплек“ во годината кога слави 80 години постоење, прави нов визионерски чекор напред. „Реплек“ денеска ја отвори најновата инвестиција на производствените капацитети.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на свеченоста, истакна дека „Реплек“ е позитивна приказна за македонската економија. Тој посочи дека силата на една држава не се мери само по нејзиниот буџет, туку и по храброста на нејзините луѓе да вложат, да создаваат и да веруваат дома.
-Со новиот фармацевстски производствен блок, „Реплек“ не само што го модернизира и автоматизира својот производен процес, туку го зголемува капацитетот за примарно и секундарно пакување на цврсти фармацевстки форми за значајни 25 проценти. Тоа значи нова технологија, ефикасност, повисоки стандарди, но и нова потврда дека нашата земја има потенцијал и капацитет за индустриски раст, истакна Мицкоски.

Генералниот директор на „Реплек“, Душан Пецоски истакна дека компанијата изминативе 80 години растела и успешно вложувала за доброто и на македонското општество. Изминатата година, „Реплек“, инвестирала рекордни 6,3 милиони евра во дигитализација, автоматизација и модернизација, како и во нови производни капацитети.
-Во сите 80 години од постоењето Реплек успевал да се редефинира, да се репозиционира и да се реоткрие. Во нашето днк е да ги следиме светските трендови и да ги прифатиме истите. Континуирано вложување во добросостојбата и најважно од се’ ни е работното опкружување во кое секојдневно оперираат нашите колеги. Се трудиме да бидеме посакуван работодавач, но и да бидеме атрактивни за младите таленти, и да создадеме услови како што ги посакуваме оние што се надвор, вели Пецоски.
Производите на компанијата денеска се присутни во 25 земји, а целта е во 2030 година да бидат во 40 држави.