Компанија РКМ на Ратко Капушевски во повеќе наврати увезла цистерни на смеса на мазут со употребено масло од трансформатори од Хрватска, кое претставува опасен отпад, објави порталот МКД.МК на 20 декември 2019 година .
МКД.Мк потсетува дека за редакцијата тогаш тоа го потврдиле хрватските власти, но не и македонската царина која одговорила дека „нема основа за сомневање за увоз на материи штетни за здравјето“.
Хрватските власти за МКД.Мк информирале дека „се работи за превоз на опасен отпад. Затоа покренавме постапка поврзана со враќање на испраќачот, покренување на постапка, даден е и налог за прекршочна постапка во согласност со царинското законодавство“.
Наспроти предупредувањата на хрватските власти кога цистерните дошле до македонската граница со такво предупредување, македонската царина го утврдила токму спротивното.
„Во врска со Вашето прашање, информираме дека е направено истражување како од наша страна, така и од страна на хрватските надлежни институции и по направената хемиска анализа утврдено е дека нема неправилности во документацијата ниту во декларираната стока и таа е ослободена. Хрватските надлежни институции направиле анализа во однос на штетноста на стоката и согласно со резултатите добиени по направените анализи немаме основа за сомневање за увоз на материи штетни за здравјето. Од наша страна известен е Државниот пазарен инспекторат, кој дополнително ќе преземе мерки за контролирање на исправноста на стоката по нивна надлежност“, одговори тогаш од Царинската управа на Македонија за МКД.Мк.