Со години наназад, односот помеѓу принцот Хари и остатокот од неговото семејство е напнат, но нови информации укажуваат дека ситуацијата, барем делумно, би можела да се промени.
Имено, по венчавањето со Меган Маркл и преселбата во САД, односите се заладија, а се чини дека дополнително се влошија откако Хари пред неколку години ги објави своите мемоари со наслов „Резерва“.
Односите не се подобрија ни откако кралот Чарлс минатата година објави дека му е дијагностициран рак. Јавноста очекуваше семејството тогаш да ги „закопа секирите“, да се помири и да ги надмине недоразбирањата. Сепак, Хари тогаш го посети татка си многу кратко, престојуваше во хотел и брзо се врати во САД.
Во последно време се зборува за можност за помирување.
Според медиумите, нема веднаш да се разговара за тешките теми, но договорени се неколку конкретни чекори.
„Дејли мејл“ наведува дека првиот чекор е споделување на распоредот на обврски на семејството на Сасексови со остатокот од кралското семејство. Тоа, наводно, треба да ги „намали тензиите“ меѓу нив. И принцот Хари на тоа се согласил, објавија британските медиуми, додавајќи дека ќе го сподели својот распоред за да не се преклопува со обврските на неговото семејство.
Ова се случи откако Хари го засени роденденот на кралицата Камила. Имено, тој се појави на насловните страници на британските медиуми откако замина во Ангола, каде што – како и неговата покојна мајка Дајана пред 28 години – шеташе низ минско поле. Фотографијата беше објавена на насловните страници и на тој начин 78. роденден на кралицата Камила дојде во втор план.
Најавено е дека Хари ќе го сподели својот распоред и со својот брат, принцот Вилијам, а можно е – кога веќе ќе имаат увид во бројните обврски – да се најде време и за евентуална средба.
Пред две недели „Дејли мејл“ објави дека се сретнале претставници на семејството на Сасексови и Бакингемската палата во Лондон, и тоа директорите на одделенијата за комуникација со јавноста – Тобин Андре и Мередит Мејнс. Извор за „Дејли мејл“ овие денови изјавил дека Хари се согласил да испрати „рамка“ од неговите обврски до Бакингемската и Кенсингтонската палата.
„Хари сѐ уште не е одушевен од идејата да биде ‘контролиран’ од кралската машинерија, и тоа нема да се смени. Но, ако кралското семејство го има неговиот распоред, ќе можат да ги планираат своите обврски во согласност со тоа. Тоа е значаен гест“, изјавил изворот.