Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на маргините на НАТО Самитот во Хаг, оствари интервју со етаблираниот американски тинк-тенк „Atlantic Council“.
Во интервјуто говореше за одлуките од Самитот, улогата на САД и претседателот Доналд Трамп во глобалната безбедност, како и за придонесот на Македонија во Алијансата и одржувањето на регионалната и светската стабилност.
На прашањето околу НАТО Самитот, Муцунски нагласи дека одлуките донесени во Хаг се „многу повеќе од успех“:
„Јас лично го нарекувам генерациски самит. Мислам дека одлуките што ги донесовме ќе имаат позитивни историски последици за идните генерации. Мислам дека беше клучно да се донесе одлука, особено за идните инвестиции потребни за членките и Алијансата“, истакна тој.
Министерот Муцунски ја нагласи и важната улога на САД во донесувањето на овие одлуки:
„Сакам да нагласам дека без водството на администрацијата на Трамп и САД, никогаш не би ги донеле овие тешки одлуки. Значи, заслугата треба да оди таму каде што припаѓа. Но и одлично водство меѓу сојузниците, отвореност за дискусија и дебата, и фокус на тоа дека вложувањето во одбрана не е само за тврда одбрана, туку и за инвестиции во индустриската база, инфраструктурата, сајбер-отпорноста и слично. Затоа, повторно би го нарекол генерациски самит. Минатите беа историски, но одлуките овде се многу повеќе од историја. Станува збор за нашата иднина. Генерациски самит. Тоа е навистина моќно“, додаде тој.
Министерот Муцунски во интервјуто за Atlantic Council говореше и за нашиот придонес како земја членка на НАТО:
„Знаете, ние сме една од поновите членки на НАТО. Но ние сме нација која сериозно го сфаќа членството во НАТО. И веќе планираме како да го достигнеме прагот од 5%. Покрај инвестирањето во армијата, за НАТО мисиите сме присутни од Балканот до Балтикот, со нашите храбри војници кои ја претставуваат нашата горда нација и придонесуваат за колективната безбедност. Американците треба да знаат дека македонските сојузници се со нив. Рамо до рамо – од Балканот до Балтикот. Тоа е добар начин да се каже“, заклучи тој во интервјуто.
Atlantic Council е американски тинк-тенк во областа на меѓународните односи, кој застапува атлантистички пристап и е основан во 1961 година. Управува со шеснаесет регионални центри и програмски единици кои се фокусираат на меѓународната безбедност и глобалниот економски просперитет, соопштуваат од МНРиНТ.