Од почетокот на мандатот на актуелниот парламентарен состав, 65 пратеници добиле надоместок за патни трошоци. Највисоката сума исплатена на пратеник е 13.200 евра или по околу 1.000 евра месечно. Девет пратеници, пак, решиле да изнајмат стан за што месечно се плаќаат најмногу по 400 евра.
Собранието на Република Македонија исплатило 18,6 милиони денари или околу 303.320 евра за патни трошоци што ги побарале пратеници за период од 13 месеци, покажуваат податоците кои Радио Слободна Европа (РСЕ) ги доби преку слободен пристап до информации од јавен карактер.

Податоците покажуваат дека сумата од 303.320 евра – од кои 26.717 за патарини и 276.603 за гориво, е исплатена за 65 од вкупно 120 пратеници од актуелниот парламентарен состав и тие се однесуваат на периодот од денот на одржување на конститутивната седница – 28 мај 2024 до 30 јуни 2025 година.
Во истиот период, девет пратеници го искористиле правото на закуп на стан за што биле потрошени 44.522 евра.
Ваквите податоци говорат дека не сите пратеници кои живеат надвор од Скопје го користат правото на надоместок за патни трошоци или за закупнина на стан, како и дека сумата е помала во споредба со некои години претходно кога на годишно ниво се „цедеа“ и по 700-800 илјади евра од буџетот.
Колку подалеку од Скопје толку повеќе патни трошоци
Од актуелниот собраниски состав, како што беше и случај во претходните, најмногу пари за патни трошоци земаат пратениците кои имаат „најголема километража“ односно живеат најдалеку од Скопје.
Највисока сума за претходните 13 месеци му била исплатена на пратеникот ВМРО-ДПМНЕ Кире Божиновски од Ресен. Тој зел околу 13.200 евра (810.897 денари) или во просек по 1.000 евра месечно.
Неговиот сопартиец од Прилеп, Петар Ристески е втор на листата со 12.000 евра (741.375 денари).
Координаторот на пратеничката група на ВЛЕН (ВРЕДИ) Беким Ќоку, кој доаѓа од Струга, добил околу 10.800 евра (661.892 денари).
Со сума од речиси 10.000 евра (603.631 денар) е и уште еден пратеник од Струга, Јован Митрески од СДСМ.
По околу 9.150 евра им биле исплатени и на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кавадарчанецот Зоранчо Јованчев (562.459 денари) и валандовчанката Јулија Тушевска (561.568 денари).
Меѓу оние кои зеле најмногу пари е и поранешниот пратеник Селим Сулејмани од крилото на Алијанса за Албанците предводено од Арбен Таравари, кој наплатил 9.000 евра (552.154 денари). Сулејмани си поднесе оставка во мај, периодот кога Таравари ја напушти коалицијата ВЛЕН поради што јавно го критикуваше за „приближување кон ДУИ“.
Со патни трошоци над 500.000 денари односно над 8.000 евра во актуелниот собраниски состав се и уште двајца пратеници од Прилеп – Дејан Проданоски од ВМРО-ДПМНЕ и Миле Талевски од СДСМ. Тие добиле по околу 8.800 односно 8.300 евра.
Покрај опцијата пратениците да добиваат надоместок за патни трошоци односно гориво, патарини и амортизација за автомобилите, од 2018 година беше воведена и можноста за закуп на стан за сума до 400 евра месечно која му се исплаќа директно на закуподавачот.
Повеќе на РСЕhttps://www.slobodnaevropa.mk/a/nad-300-000-evra-za-patni-troshoci-za-pratenici-za-13-meseci/33490632.html