Претседателот на Движењето ЗНАМ – за наша Македонија и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски денеска во изјава за медиумите истакна дека до средината на јули неговата партија ќе ги обелодени кандидатите за градоначалници.
– Ние досега неколку пати потврдивме дека ЗНАМ на овие избори ќе учествува со кандидатски листи за советници самостојно како нов политички субјект. И тоа е добро за нас, да се провериме каде сме и како е нашата доверба. И дополнително со свои кандидати за градоначалници во сите оние општини кои ќе излезат како резултат на преговорите со нашите политички партнери, а тоа во овој случај е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои тие ја предводат. Сметам дека веќе до средината на јули ќе се знае епилогот од тие преговори. Разговараме за поголем број на општини кои не се концентрирани во една изборна единица или во еден регион, туку пошироко низ државата и штом ќе заврши тој разговор, би ги обелодениле резултатите, рече Димитриевски пред почетокот на панел-дискусијата „Посветеност – Отчетност – Резултат“, по повод одбележувањето една година учество на Движењето ЗНАМ во Владата.
Тој соопшти дека на местата каде ЗНАМ ќе има свои кандидати за градоначалници, ВМРО-ДПМНЕ ќе преземаат обврска да го поддржат нивниот кандидат уште во првиот круг и обратно.
– Дополнително тоа би значело дека таму каде што ќе има ЗНАМ свој кандидат за градоначалник, нашите партнери од ВМРО-ДПМНЕ ќе преземаат обврска да го поддржат уште во првиот круг. На останатите места каде што нашите партнери би имале кандидат, ЗНАМ со своето членство и своите поддржувачи би ги поддржело нивните кандидати. Овде зборуваме исклучиво за кандидати кои се квалитетни луѓе, докажани во својата сфера на делување и познати во јавноста. За имињата ќе разговараме дури откако ќе заврши епилогот на преговорите со нашите политички партнери, рече Димитриевски.
Актуелниот кумановски градоначалник нагласи дека би поддржале кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Градот Скопје. Потенцира дека тоа зависи и од името на кандидатот за градоначалник и од политичкиот договор на партијата.
– Да, апсолутно. Првенствено, зависи од името и презимето на кандидатот и секако од политичкиот договор на партијата. Спецификата на локалните избори секогаш е граѓаните колку и да се политички определни, сепак кога се работи за градоначалник, секогаш се одлучуваат спрема личноста многу повеќе отколку кон политичкиот субјект кој го предлага. Но, во секој случај сепак политичката поддршка многу значи во самата кампања, рече Димитриевски.