Студентите во блокада во Србија ги повикаа граѓаните да започнат масовен прекин на работата од 1 јули до исполнување на три барања.
Барањата се – распишување вонредни парламентарни избори, распуштање на „собирот“ во Пионирски парк во Белград, и ослободување на притворените студенти.
„Ги повикуваме сите граѓани да излезат на масовен прекин на работата од вторник, 1 јули, се додека не се исполнат сите три барања“, се наведува во пораката објавена од студентите на социјалните мрежи.
Вишото јавно обвинителство во Белград вечерва објави дека 29 од вкупно 30 осомничени биле сослушани за напад врз полицијата и насилно однесување по протестот на 28 јуни, а задржување на еден од нив е укинато, бидејќи нема докази дека сторил кривично дело.
Обвинителството му предложи на судијата за претходна постапка на Вишиот суд во Белград да определи притвор за 26 осомничени лица, за да не ги повторат кривичните дела во краток временски период.
Групи студенти кои ги блокираа факултетите и граѓани кои ги поддржуваат продолжија вечерва со мобилни блокади да блокираат одредени раскрсници и улици низ речиси цел Белград, Нови Сад, Ниш и други градови. Полицијата презема акции за одблокирање на улици и раскрсници додека студентите во блокада повикаа на продолжување на граѓанската непослушност и блокада на клучните улици во Белград и други градови во Србија.