Некогашната скопска „златна кокошка“ ЈП Водовод и канализација минатата година ја завршил со загуба во работењето од рекордни 256 милиони денари, односно околу 4,2 милиони евра.
Ова е наведено во самиот финансиски извештај на најголемото градско претпријатие за годината 2024. Досега искажаната годишна загуба во работењето никогаш во последно време не била поголема од милион евра, а имало и години кога добивката била околу 2 милиони евра. Од работењето на ЈП Водовод и канализација Скопје зависат и приходите на двете комунални претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“.
Кај наплатата се забележани нешто помали приходи од стопанството, а најголем дел од трошоците се остварени за платите на 1.066 работници како просечен број на вработени во 2024. Вкупните трошоци се зголемиле на 1,9 милијарди денари (31,4 милиони евра) и тие бележат раст од 10,5 отсто споредено со една година претходно.
„Трошоците за вработените учествуваат со 46,65 отсто од вкупните приходи од работењето за 2024 година, а 40,40 проценти во вкупните трошоци од работењето во 2024. Трошоците на вработените, кои се однесуваат на нето платите, придонесите и даноците – односно бруто платата за 2024 година е зголемена за 5,5 отсто во однос на 2023“, се забележува во отчетот.
За нето-плати во 2024 биле поделени 490 милиони денари, споредено со 464 милиони денари во 2023 година. Сепак тука влегува и 13-тата бонус плата за годишен одмор, која е надвор од трошокот за регрес. Чисто за редовно работење биле исплатени 405 милиони денари за нето плати. Според тоа, излегува дека просечната месечна нето плата во „Водовод и канализација“ била 31.660 денари минатата година.
Претходната година загубата на ЈП Водовод и канализација – Скопје изнесуваше 350.000 евра. Последен пат добивка била прикажана за 2020, тогаш од милион евра