Во Кривичниот суд во Скопје на ред е Палевски да го испрашува Кешишев за грабнувањата и убиствата на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје. За свирепите злосторства извршени на 22 и на 27 ноември 2023 година им се суди и на Велибор Манев и Боре Видевски од Велес, а петообвинет е Александар Ѓорчевски за помагање во грабнувањето на неговата ќерка Вања.
Кешишев на денешното рочиште детално опиша како по убиството на Панче Жежовски стигнале во Скопје и го паркирале „цитроенот“ на паркингот кај Кванташкиот пазар. За тоа дали пред да биде грабната Вања биле на обиколка на нејзината зграда, Кешишев рече:
„Не сум бил, освен привиот пат кога се обидоа и вториот пат кога беше грабнувањето“, одговори Кешишев.
Бранителот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ го праша Кешишев дали во негово присуство имало разговори за повеќе лица пред да се грабне личноста од Скопје?
„Освен за личноста што требаше да биде во дупката, за други не се разговараше“, одговори Кешишев.
На прашањето колку средби имало пред да се донесе одлука за грабнување на личноста од зградата, Кешишев одговори:
„Неколку. Кога и да дојдеше Велибор се почнуваше оваа тема. Не сум слушнал дека некој во разговорите го споменува Александар. Не знам од кого требаше да се бараат парите за грабнувањето. Сликата од девојчето ја видов по грабнувањето, дотогаш ја немав видено. Не сум слушнал никогаш дека Палчо разговара на телефон со таткото на девојчето“, рече Кешишев.
„Дали сте слушале дека девојчето е по грешка грабнато?, праша Туфекџик. Кешишев одовори: „Не, бидејќи бев подалеку, ниту пак некој ги спомна мајката и таткото на детето“.
Во врска со злосторството врз Панче, Кешишев потврди дека планот бил да се грабне за да му се земе „цитроенот“. Откри дека Панче е грабнат од втор обид, односно дека и претходната вечер сакале да го грабнат, го чекале, ама не успеале. За таа вечер Манев сведочеше дека излегле да проверат како работат радиостаниците и да го разгледаат теренот. На снимките од пред куќата на Манев од таа вечер се гледа како Кешишев се прекрстува кога излегува од гаражата.