Нов апарат за магнетна резонанца денеска беше промовиран во поликлиниката Идадија која е дел од Здравствениот дом Скопје. Aпаратот е набавен со средства од Здравствениот дом во износ од над 83 милиони денари и е пуштен во употреба на 17 јули.
На настанот, на кој присуствуваа претседателот на Владата Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари, директорот на Здравствениот дом Скопје, Самир Исени истакна дека досега се креирани вкупно 476 термини за снимање, а пациентите кои доаѓаат на магнентно снимање не се само од Скопје, туку од цела држава.
„Ова е втор апарат за магнентна резонанца кој се отвора во рамки на Здравствениот дом, по оној во Чаир во 2018 година. Се очекува да се намали чекањето на пациентите за снимањето“, рече Исени.
Министерот Таравари наведе дека досега креираните термини се реализирани само во една смена, но планирано е во следниот период со дополнителен медицински кадар да се отворат термини во две смени, а укажа и на имплементацијата на ПАКС системот кој овозможува централизирање на читање на резултатите од направените снимки.
„Идејата на Министерството е до крајот на годината да започнеме со централизација на цела Радиологија на ниво на државата, со овој систем којшто веќе Здравствен дом го има, а се надевам набргу преку Мој термин кој ќе се поврзе на системот и ќе можат радиолозите во секое време да го отворат резултатот и да да дадат прво или второ мислење, со дозвола на колегите кои што работат“, рече министерот Таравари.
Премиерот Мицкоски е задоволен од работата на министерот за здравство во првите 100 дена имајќи ја предвид, како што рече, катастрофалната состојба што ја наследиле во овој сектор. Тој потсети на долгот во ФЗОМ кој го затекнале и изнесувал над пет милијади денари, кој со реорганизација и со ребаланс на Буџетот ќе се намали за две милијарди денари, а во следната фискална година ќе биде сведен на нула, на вработувањето на 600 специјализанти, проширувањето на позитивната листа на лекови…..
„Мандатот го започнавме преку Клиничката болница во Штип, таму го најавивме продолжувањето на постапката за изградба на Клиничката болница Штип, болницата во Кичево, коишто се децениски проекти кои, за жал, претставуваат споменици на едно време што не сакаме да се сеќаваме. Така што мислам дека прилично амбициозно се влезе, проблемите ги има, но проблемите ќе ги решаваме, не треба да бараме изговори, треба да работиме и во периодот што следи продолжуваме со несмалена динамика и со несмалено темпо“, порача Мицкоски.