Шпанската влада одобри закон со кој се намалува работната недела од 40 на 37,5 часа.
– Денес го модернизираме светот на работата и им помагаме на луѓето да бидат малку посреќни – изјави министерката за труд Јоланда Дијаз. Дванаесет и пол милиони работници во приватниот сектор со полно и скратено работно време ќе имаат корист од намалувањата, за кои се очекува да ја подобрат продуктивноста и да го намалат отсуството од работа, објавува АП.
Мерката, која веќе се однесува на државните службеници и некои сектори, главно ќе влијае на малопродажбата, производството, угостителството и градежната индустрија, додаде Дијаз.
Парламентот, каде што левичарската коалициска влада нема доволно гласови, ќе мора да го одобри законот за тој да стапи на сила. Законот го предложи левичарската партија Сумар, партнер на Социјалистичката партија на премиерот Педро Санчез, и е поддржан од главните синдикати, додека деловните здруженија се противат на него.
Каталонската крајнодесничарска партија Хунтс, повремен сојузник на коалицијата на Санчез, изрази загриженост за, како што нарекоа, негативните последици од законот за малите бизниси и самовработените. Шпанија воведе 40-часовна работна недела во 1983 година, а дотогаш работната недела траеше 48 часа.