Брајан Џонсон (47) е американски биохакер кој има желба да го продолжи својот живот, а со медиумите ја сподели својата дневна рутина, која трае пет часа. Патем, Џонсон инвестира два милиони долари секоја година во проект наречен Project Blueprint за кој тврди дека му помага да го забави стареењето и да го продолжи својот живот. Освен овој проект, тој е познат и по контроверзната постапка на вбризгување крв од синот, што предизвика големо внимание и критики во јавноста.
Џонсон е исто така основач на Braintree, која го купи Venmo, а PayPal подоцна го купи Braintree за 800 милиони долари.
Дневна рутина
Неговата рутина започнува рано наутро, точно во 4:30 часот наутро. Потоа ги изложува очите на светлина и ја мери телесната температура. Следува еден час вежбање во 5:30 часот наутро, а околу 6:45 часот наутро е време за појадок и дополнително изложување на светлина.
По појадокот, Џонсон се посветува на терапиите што се дел од неговата рутина: поминува 20 минути во сауна, 90 минути користи кислородна терапија под висок притисок, по што следуваат шест минути изложеност на црвена и инфрацрвена светлина.
Неговата исхрана се базира на зеленчук, овошје, јаткасти плодови, семки и маслиново масло, и внимателно следи сè за да се чувствува што е можно подобро.
Првиот оброк му е во девет часот, а последниот, со додатоци во исхраната, во 11 часот. Иако денот му е исполнет со многу активности, Џонсон го завршува денот во 20:30 часот кога си легнува, за да обезбеди осум часа и 34 минути сон.
Според него, резултатите од оваа дневна рутина се неверојатни бидејќи се чувствува подобро од кога било и верува дека му помага да остане физички и ментално здрав.