Барселона се соочува со огромен проблем откако каталонскиот гигант не успеа во предвидениот рок да ги регистрира Дани Олмо и младиот Пау Виктор во листата на играчи кои ќе можат да му бидат на располагање на тренерот Флик за вториот дел од сезоната..
Олмо во првиот дел од сезоната беше регистриран на местото на Кристенсен кој беше повреден, но во вториот дел Данецот се враќа во тимот, а Барселона не пронајде дополнителен приход за да има место за регистрациите на Олмо и Виктор.
Ситуацијата со Олмо и Пау Виктор ја потврди Ла Лига.
„Барселона не претстави никаква алтернатива што би дозволила регистрација во согласност со прописите за економска контрола на Ла Лига“, објавија од Ла Лига.
Ова практично значи дека Олмо и Пау Виктор од денеска се слободни фудбалери и можат да потпишат без никаква отштета за друг клуб. Сепак, информациите од Шпанија велат дека Дани Олмо ќе почека целосна разврска и ќе му даде шанса на Лапорта за нов маневар во текот на јануарскиот преоден рок, се со цел да биде најден начин за тој да остане во Барселона.