Скопското обвинителство отвори истрага за убиството на Орхан Бајрам – Оки, еден од водачите на криминалната група „Дуќанџик“ кој беше убиен минатата година во Ханиоти во Грција.
Осомничено е едно лице за кривично дело Убиство од член 123 став 2 точка 3 во врска со став 1 и член 22, како и за Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи според член 396 став 3.
-Осомничениот 33-годишник, на 15 јули 2023 година, во Ханиоти, Република Грција, заедно со уште едно засега непознато лице, со умисла го лишиле од живот сега покојниот Орхан Бајрами, а ги довеле во опасност и животите на уште четири лица. По претходен договор, осомничениот и неговиот соизвршител маскирани пристигнале во туристичкиот комплекс каде била сместена жртвата и се приближиле до отворената задна балконска врата. Осомничениот од огнено оружје – пиштол „Црвена застава“ со калибар 7,65 мм со пригушувач испукал 11 куршуми, а неговиот соучесник со пиштол од ист калибар уште 8 куршуми во правец кон оштетените. Од куршумите, три завршиле во телото на сега починатиот, нанесувајќи му смртоносни повреди, соопшти Обвинителството.
Грчките истражни органи имаа издадено налог за апсење на осомничениот, како и Европски налог за апсење и меѓународна потерница поради сомненија за кривични дела – Намерно убиство со соучесништво и Обид за сериско и соучесничко убиство на територијата на Грција, но со оглед на тоа што станува збор за македонски државјанин за кого не постои можност за екстрадиција, грчките власти го отстапиле кривичното гонење на Основното јавно обвинителство Скопје.