Сирискиот претседател Башар ал Асад го напуштил Дамаск, пишува „Ројтерс“. Според извештаите на медиумите, тој со авион заминал во непозната дестинација.
Бунтовниците го прогласија главниот град Дамаск „ослободен од тиранинот Башар ал Асад“.
Половина век владеење на семејството Асад заврши, им порача армиската команда на офицерите.
Претседателот на Сирија беше на чело на државата 24 години, а 13 години ја водеше војната против џихадистите и бунтовниците за одбрана на Сирија.
Бунтовничките фракции синоќа влегоа во Дамаск и Хомс, така што цела Сирија контролирана од владините сили, сега е под контрола на бунтовниците.
На социјалните мрежи се појавија информации дека авионот во кој се наоѓал Ал Асад бил соборен, но оваа информација е неверодостојна и непотврдена. Претходно се шпекулираше дека заминал во Русија или во Иран, каде би добил политички азил.
Во меѓувреме статуите на таткото и братот на Асад се соборени во градовите под контрола на бунтовниците, додека неговите слики на билбордите и владините канцеларии се уништени.
За целата ситуација се огласи и сирискиот премиер Мохамед Гази Џалали кој рече дека е подготвен да ја предаде власта во мирна транзиција.