Љупчо Палевски откако негираше вина за убиствата на Вања и Панче, денеска во својот исказ тврди дека е обвинет со фалсификувани докази. Снимките од домот на Велибор Манев за кои обвинителство тврди дека се гледа подготовката за киднапирање на велешкиот пензионер, според Палевски биле монтирани, а се манипулирало и со времето кое се гледа на нив. За убиството на Панче, прстот го впери кон Велибор бидејќи во домот на убиенот велешанец постоеле документи кои откриле дека цели 10 години траеле нивните недоразбирања. Палевски го спореше исказот и на Влатко Кешишев, заради разлики во неговата изјава и презентираните снимки. Манев и Кешишев претходно во своите искази рекоа дека Палевски ги застрелал Вања и Панче.
„Во исто време не може обвинет кој го потврдува самото видео дека е точно од обвинителството, а од друга страна вика дека не бил на камерите како што се гледа кај Велибор Манев дома, туку бил на паркингот. Тие се работите кои сакаме да ги докажеме дека не се точни изјавите или не е точно она што го презентира обвинителството“, изјави Јовица Страшевски, Адвокат на Љупчо Палевски.
Палевски тврди дека утрото кога е грабнувањето и убиството на Вања спиел, до 8:30, а околу 10 часот заминал во банка. Нелогично го смета обвинението дека заедно со обвинетите го грабнале девојчето за да изнудат пари.
Доколку е уцена заради користољубие, просечен криминален ум, доколку е во релација со таткото на оштетеното дете, кој веќе го поседува на свое име најскапиот имот на семејството, а децата се малолетни и тој е старател, криминалниот ум би ја убил Зорица Ѓоревска, а не Вања Ѓорчевска, затоа што целокупниот имот на тоа семејство, заедно со депозитот од 30.000 евра во банка и новото возило ќе прејдат во владение и 50 проценти сопственост на законскиот старател Александар“.
Киднапирањето и убиството на Вања, според Палевски ќе останат мистерија заради лошо водење на истрагата.
„Пиштолот каде е не знам. Одговор за тоа треба да даде обвинителството и МВР. Јас како бранител и Љупчо Палевски цело време бараме да биде вештачена чаурата со која чаура би се утврдило дали е пукано од тој пиштол кој е спомнат на Боре Видевски или е од некој друг пиштол или е од црн пазар“, изјави Јовица Страшевски, Адвокат.
Палевски со својот исказ ќе продолжи во понеделник, кога ќе одговара на прашања од јавното обвинителство и другите обвинети за убиствата на Вања и Панче.