Иако неговиот возач претходно сведочеше дека Палевски му кажал дека имал закажано операција во Истанбул, според обвинителството тој сепак имал поинакви планови. Заминувањето во Турција го планирал во часовите кога е киднапирана и убиена 14 годишната Вања Ѓорчевска, неколку дена подоцна на својот домаќин во Турција му пишал дека резервирал авионска карта за Минск за потоа на лице со име Драган да го извести дека на 5 декември ќе пристигне во Москва.
-На 27.11.2023 година од телефонот на Палевски кон извесен турски број имало повик од 9 секунди во критичниот период кога е убиена Вања, односно во 8.30 часот. Во периодот меѓу 27.11.2023 и 01.12.2023 нема остварено разговори, освен со Влатко Кешишов и со Стефан Димковски. Додека е во Турција, Палевски преку порака го известува Хусеин дека резревирал авионска карта за Минск, Белорусија. На 01.12.2023, на вибер му пишува на лице Драган дека на 5 декември, планира да стигне во Москва, па бара од него помош да го земе од аеродром.- Жаклина Крстевска Јосифовска – Јавен обвинител
На денешното рочиште беа презентирани и други докази на обвинителството како анализи на микро траги од реното кангу, отпушоци од цигари пронајдени во подрумски простории во зградата каде живеела Вања, траги од патеката на движење кон местото каде е убиено девојчето но и психијатриско вештачење за Палевски чиј заклучок денеска не беше образложен. Обвинителството има и нови докази – снимки од безбедносните камери од куќата на Велибор Манев од Велес кои, како што тврди, треба да ги покаже подготовките на обвинетите и нивното групирање. Одбраната на Палевски се противи на изведувањето на овие докази за кои судот на следното рочиште ќе одлучи дали ќе се изведат.
Палевски повторно бараше изземање на обвинителките Крстевска Јосифовска и Стојковиќ Димитриевска, но и на шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски со тврдење дека биле пристрасни и ја злоупотребиле јавнообвинителската функција. Следно рочиште судијата Ивица Стефановски закажа за 21 февруари.