Петар Богојески заминува од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Ова доаѓа по два ипол месеци откако беше назначен за директор. За ова тој објави самиот, споделувајќи фотографија со премиерот Христијан Мицкоски, во која посочува дека тоа е договорена работа меѓу коалициони партнери.
,,Договорена е прераспределба на позиции и институции кои ќе ги раководи Македонски Концепт во рамки на извршната власт, со што потврдено е дека претседателот на Македонски Концепт д-р Петар Богојески ќе раководи со друга институција”, пишува во соопштението од Македонски концепт.
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е Јавна Институција која е формирана со Закон донесен од страна на Собранието на Република Македонија а која се финансира со пари од Европската Унија.
Целта на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е да работи на промоција и спроведување на европските програми во областа на образованието, обуката, младите и спортот во Република Македонија.
Целото соопштение на Македонски концепт по средбата со премиерот Христијан Мицкоски во продолжение:
Прво, потврдена е добрата соработката во рамки на Коалицијата “Твоја Македонија”.
Второ, дадена е позитивна оценка за досегашното функционирање на Владата на Коалицијата со назнака за дополнителен фокус во одредени подрачја од политичките приоритети.
Трето, договорен е заеднички настап на следните Локални избори 2025 година, при што споделено е убедување во голема победа.
Четврто, договорена е прераспределба на позиции и институции кои ќе ги раководи Македонски Концепт во рамки на извршната власт, со што потврдено е дека претседателот на Македонски Концепт д-р Петар Богојески ќе раководи со друга институција.
Македонски Концепт ги достави своите сугестии за програмските приоритети на Владата за наредната година, за што јавноста ќе биде навремено информирана, се вели во соопштението.