Неколку дена откако објави дека го напушта директорското место во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, за сметка на негова прераспределба на нова позиција, претседателот на партијата Македонски концепт, Петар Богојески, соопшти дека е избран да биде дел од наставниот кадар на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ Скопје.
„Со особено задоволство и почит ве известувам дека бев избран во наставно-научно звање од страна на Наставно-научниот совет на Воена академија – Скопје. Со тоа и официјално сум дел од наставната фела на оваа највисоко реномирана, научна и образовна институција! Во исто време, продолжувам со научната и образовна дејност на Универзитетот за мир на Обединетите нации, Њујорк, САД. Се гледаме наскоро и во служба на народот“,пишува Богојески во објава на својот фејсбук-профил.
Пред неколку дена Богојески во објава на своите социјални мрежи соопшти дека заминува од директорската позиција на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност која раководи со програмата Еразмус+, откако на средба со премиерот Христијан Мицкоски била договорена прераспределба на позиции и институции со кои ќе раководи неговата партија Македонски концепт во рамки на извршната власт.
Богојески застана на директорската позиција во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во мај годинава, што предизвика низа реакции кај јавноста, но и кај Европската комисија. Од ЕК соопштија дека за именувањето на Богојески ќе бараат одговори од министерката за образование Весна Јаневска, наведувајќи дека Комисијата не била вклучена во селекцијата и номинацијата на директор на Агенцијата.