Пратеничката Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ се обрати во Собранието по повод Октомври – Меѓународниот месец на борбата против ракот на дојка, една од најчесто дијагностицираните болести кај жените, но и кај мажите иако во помал процент.
-Ова е болест која може да погоди секого од нас. Без оглед на возраста, општествениот статус или етничката припадност. Ракот на дојка е втор најчесто дијагностициран рак кај жените. Статистиките покажуваат дека честотата на болеста, во послениве 30 години расте на глобално ниво и тој пораст изнесува 3,1% годишно, а морталитетот варира. Истражувањата покажуваат дека 1 во 8 жени, во својот живот, ќе развијат рак на дојка, рече таа.
Пратеничката сподели статистика дека околу две третини се на возраст над 55 години, додека останатите се меѓу 35-54 години.
-На светско ниво, бројот на новодијагностицирани случаи достигнува 2,1 милион новодијагностицирани. Иако оваа болест е една од најсмртоносните видови на рак кај жените, оваа болест ги погодува и мажите со учество од 1-2%, истакна Пешевска нагласувајќи дека потребата за рана дијагностика беше нагласена како клучна за лекување на оваа болест.
Пратеничката истакна дека „самоконтролите и контролите во самите лекарски установи можат да ни го спасат животот, а животот не заслужува изговори“.
Нејзината пораката до присутните беше јасна: редовните лекарски контроли треба да станат дел од нашиот живот.
-Драги жени, драги сестри, драги мајки, најдете време да се грижите за себе, исто како за вашите сакани, и не заборавајте дека секој преглед е важен, рече пратеничката Пешевска.