Повеќе берберски овци биле пронајдени угинати, минатата недела во вторникот, во скопската Зоолошка градина.
Од Зоо Скопје информираат дека во живеалиштето на берберски овци при редовна утринска контрола пронајдени биле угинатите животни, кои немале видливи знаци на повреди, ниту пак претходно покажале знаци на болест.
-Веднаш беа повикани инспектор од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) и стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина, кои направија целосен увид на лице место и ја отпочнаа постапката за обдукција на угинатите единки. Причината за смртта ќе биде соопштена кога ќе бидат направени сите анализи и ќе ги добиеме резултатите од обдукцијата. Се сомневаме дека станува збор за труење од гранки од растението тиса (taxus baccata) кое може да биде отровно за животните, информираат од Зоо Скопје.
Во изминативе над три години во скопската Зоолошка градина угинаа жирафите, лав, тигрицата, пингвин, имаше кланица со расните коњи, а евтаназирана беше и слоницата Дуња.