Најмалку еден милион луѓе останаа без струја низ Украина по масовниот ноќен ракетен напад од страна на Русија врз енергетската инфраструктура на земјата.
Според извештаите на Ројтерс, прекин на електричната енергија погоди три региони во западна Украина. Максим Козицки, гувернерот на западниот регион, објави дека цел на нападот биле енергетските инсталации, кои оставиле повеќе од половина милион луѓе без струја. Во текот на ноќта ракети биле забележани на патот кон Харков, Одеса и уште осум региони.
Остатоци од ракети се пронајдени на две локации во Киев, но локалните власти тврдат дека противвоздушната одбрана ги пресретнала сите ракети истрелани кон главниот град. Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека е причинета материјална штета, но дека нема жртви.
Националниот оператор на електроенергетската мрежа Укренерго „веднаш воведе вонредни ограничувања во снабдувањето со електрична енергија“, објави министерот за енергетика Герман Галушченко.
Температурата во Киев денеска нема да се искачи над 2 Целзиусови степени.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека уништило 25 украински беспилотни летала во текот на ноќта во четири региони, вклучувајќи го и Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година.