Државниот завод за ревизија утврди низа пропусти во работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Повеќе од 200 лица во ПИОМ земале плата, а не оделе на работа! Ревизорите откриле фиктивни вработувања и спорни награди. На платниот список на Фондот се пронајдени 206 лица, кои земале плата, а за кои не постои потврда дека оделе на работа. По основа на награди за вработени, кои „постигнуваат особени залагања“, во 2023 година се исплатени 2,5 милиони денари, но според ревизорите, не постојат соодветни и веродостојни документи за овие пари.
Според ревизорите, претходната влада го прекршила Изборниот законик со донесувањето на Законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани само два месеци пред распишување на претседателските и парламентарните избори. Спротивно на членот 8-а од Изборниот законик во предизборниот период се исплатиле речиси 2 милијарди денари. Сметката на фондот ја празнат и извршителите, кои повлекуваат пари за пензионери кои имаат долгови. По овој основ 18 извршители повлекле над 4 милиони денари во 2023 година. Покрај ова, според ревизорите ПИОМ со години се соочува со недостаток на стручен и обучен кадар во клучните сектори, подрачните единици, ИТ секторот и одделението за внатрешна ревизија.
Според извештајот на ревизорите, приходите на ПИОМ од година во година растат, но тоа наместо да ја намали, ја зголемува буџетската дупка, бидејќи паралелно растат и социјалните исплати. Во 2023 година Фондот има рекордни приходи од наплатени придонеси од над 63 милијарди денари, а сепак истата година дефицитот од над 30% е покриен од државниот буџет. Извршената ревизија во подрачните единици на Фондот пак покажала дека ниеден објект не ги исполнува основните хигиенски услови за работа, натписните табли се уништени, недостасува стручен кадар. Ревизорите објавија и фотографија од несоодветните услови, во кои се чуваат предметите, што не се заштитени ниту од влага, кражба или поплава.