Против поранешен директор на Фондот за иновации и технолошки развој е поднесена кривична пријава за нереализиран проект на фирмата Хојо тек од Струга. Се работи за проектот наречен Грин Хојо, кофинансиран од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Проектот бил за собирање податоци преку IoT-уреди за да се искористи решението за паметен дом за да се направи енергетски поефикасна канцеларија/куќа/стан.
Постои основано сомневање дека Фондот е оштетен за 4.000.000 денари, затоа што е сторена „злоупотреба на службена положба“ од страна на поранешно ракoводно лице, директорот Фестим Халили. Корисникот иако не ги испочитувал обврските од договорот и правилникот, директорот Халили не го раскинал договорот, а исплатите се етапно завршени. За корисникот Хојо Тек и одговорното лице Дашмир Истрефи има сомневање за сторено казнено дело „измама“. Одговорното лице како трошоци со коишто ги правда добиените средства, прикажува едни фактури, за потоа да ги корегира на барање на овластен ревизор – како доставување на трошок за закупнина и слично. Тоа го прави со цел да го доведе во заблуда Фондот и да се стекне со имотна корист од 4.000.000 денари.
Од досега пронајдените докази, постои сомневање дека од самиот почеток на проектот има внатрешна соработка помеѓу раководно лице и лица вработени во ФИТР и корисникот кој го добил грантот од 4.000.000 денари, па понатамошната истрага може да докаже основано сомневање и за други дела.
Фротирка
Од ревизијата на работата на ФИТР, произлезе уште една кривична пријава, исто така против поранешен директор на Фондот, Коста Петров.
Во овој случај се работи за проект на Фротирка АД Делчево финансиран од ФИТР, незавршен проект, исплатен, а без никаква соодветна реакција од раководното лице, во случајот поранешниот директор на ФИТР Коста Петров.
Раководните лица биле предупредени од ревизорската куќа Гранд Тортон ДОО Скопје дека Фротирка АД Делчево не постапува согласно договорните услови . На 7 октомври 2019 година, Гранд Тортон, ревизорската куќа ангажирана од ФИТР, известила дека корисникот Фротирка навреме не доставил извештаи до ФИТР. Според правилникот, за да се префрлат средства од страна на Фондот, корисникот треба да има најмалку 70% реализација на проектот, а корисникот имал 54%. Проектот на корисникот почнал на 1 октомври 2018 година и требало да заврши на 30 јуни 2019 година. Според правилникот на ФИТР корисникот е обврзан да достави завршен извештај во рок од 60 дена по истекот на последниот календарски ден од проектот, а ревизорот констатира дека корисникот нема доставено извештај во предвидениот рок. За спроведените набавки, корисникот не доставил доказ дека понудите се доставени до Фондот, што е спротивно на на чл.22 став 1 алинеа 2 од правилникот. Ревизорот констатира дека корисникот и по завршување на проектот врши негова реализација. На 18 октомври 2019 година, Гранд Тортон извршила теренска посета и констатирала дека извршниот директор ја одлагал теренската посета. Потоа било утврдено дека Фротирка требала да набави шест нови машини: машина за дублирање (drum assembly winder), две машини за кончање (smart TFO Twister), две машини за ткаење (Leonard Dyna Terry) со жакард глави (staubli), машина за шиење (Sharing machine). Но, ревизорот утврдил дека во моментот на теренската посета, корисникот набавил само една машина, машината за шишање (Sharing machine).
На 18 октомрви 2019 година, Гранд Тортон доставил и трето известување до ФИТР во кое констатира дека корисникот спротивно на правилникот, на 15 март 2019 година подигнал готовина од наменската сметка на проектот (354.000 денари), а на 19 јули 2019 година парите ги вратил. Ревизорот констатира дека корисникот нема одобрение за извршените набавки од Фондот и дека на 6 декември 2019 година, откако проекот е завршен (дури и ако постоело одобрение за пролонгирање, повторно рокот е пробиен) корисникот реализирал 54% од проектот. Со непреземање ништо, овластените лица на ФИТР овозможиле Фротирка АД Делчево да се стекне со противправна имотна корист во износ од 19.839.264 денари
Рецепт за пица како иновација
Поднесена е кривична пријава и за познатиот случај со рецептот за пица – Тајна на Римјаните Pinsa Romana. Договоорт бил потпишан на 28 декември 2021 година преку инструментот за поддршка-кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва стартап и спиноф, со права и обврски за двете договорни страни.
Се работи за финансиран проект од Фондот за иновации за рецепт за пица стар 2.000 години.
Проектот ја поминал фазата на претселекција, потоа и на финална селекција и истиот бил одобрен за финансирање.
И тука се работи за наводно поднесени фактури за неподобни трошоци за покривање на грантот. Корисникот извршил поврат на неподобен трошок за ДДВ во износ од 140.400 денари и доставил извод од наменската сметка. Корисникот повеќе потрошените средства од буџетската потставка „Фурна за печење-капацитет 10.000“ во износ од 280.000 денари ги покрива со буџетираните средства од втор квартал.
И тука се доцнело со договорените квартални извештаи и завршниот извештај. Во конечниот извештај ревизорите утврдиле дека корисникот остварената заштеда ја пренел за покривање на потставката „Спирален миксер за хомогенизација на тесто од 80кг“ во износ од 50.000 денари и потставката „Брендирање и дизајн-подготовка“ во износ од 50.000 денари. Коринсикот во текот на проектот извршил плаќања од основната сметка надвор од времетраењето на проектот во износ од 295.000 денари за што добил одобрување од страна на Комитетот за одобрување на инвестициите.
Во овој случај не е реализирана и обврската за годишни извештаи во наредните три години по завршување на проектот.