Дали Бугарија вештачки ги намалила државно контролирани цени за да ги прикаже инфлациските податоци во поповолно светло и да ги исполни критериумите за влез во еврозоната, прашува во својата анализа Политико.
Во април годинава, земјата ненадејно и без голема јавна најaва објави значително намалување од 82,8 отсто на дневните болнички трошоци за пациентите. Водителите на државната телевизија отворено признаа дека причините за овој потег се нејасни. Прашањето што се поставува е: што навистина прави бугарската влада?
Бугарија се очекува следниот месец да добие зелено светло за усвојување на еврото од 1 јануари 2026 година, но критериумот за инфлација го исполни со минимална разлика – токму благодарение на падот на здравствените трошоци.
Овој потег предизвика вниманието да се насочи кон влијанието на цените што се одредуваат на државно ниво и нивната улога во пресметките на потрошувачката кошничка. „Единствената причина поради која Бугарија ги исполни критериумите, ако ги погледнете податоците за инфлацијата, е поради државно администрираните цени“, изјави поранешен бугарски владин службеник запознаен со податоците за Политико. „Добро е познато дека статистичките податоци беа прилагодувани за да прикажат резултати поповолни од реалноста – особено во сектори како поштенските услуги, транспортот и здравството“, додава тој.
Освен во здравството, беа намалени и цените на железничкиот превоз за повеќе од 9 проценти, а поштенските услуги исто така доживеаја значително намалување. Севкупно, овие интервенции со државно определени цени придонесоа за намалување на хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP) за 1,2 процентни поени во април споредено со март, со што Бугарија се најде под прагот потребен за усогласување.
Стив Ханке, професор по примена економија на Универзитетот Џонс Хопкинс и креатор на бугарскиот валутен одбор од доцните 1990-ти, оцени дека податоците предизвикуваат сериозни сомнежи. „Мислам дека постои голема веројатност [дека инфлациските податоци] се манипулирани“, изјави Ханке за Политико. „Согласно моето искуство како советник на претседателот на Бугарија (1997–2002) и набљудувањата на процесот за приклучување кон еврозоната, не би им верувал на тие податоци повеќе отколку што би можел да ги фрлам“, додава тој.
Прашањето за податоците станува политички чувствително, особено кога се разгледува процесот на поврзување на државата која беше исклучително блиска со Советскиот сојуз со јадрото на ЕУ. Политичари со проруско и анти-ЕУ расположение одамна ја обвинуваат власта за манипулација со статистиката со цел забрзан влез во еврозоната, со што, според нив, земјата ризикува зголемување на цените.
Бугарската влада тврди дека намалувањето на болничките цени не било поврзано со пристапувањето кон еврото, но технократи, економисти, па дури и Европската комисија признаваат дека токму овие цени играле клучна улога во исполнувањето на инфлациските критериуми.
Според критериумите за пристапување кон еврозоната, инфлацијата на земјата кандидат треба да биде најмногу 1,5 процентни поени над просекот на трите ЕУ држави со најниска инфлација. Економистите проценуваат дека само намалувањето на болничките цени одзело 0,89 процентни поени од годишната стапка на инфлација, која за периодот мај 2024 – април 2025 достигна 2,7 проценти, што е токму под референтната вредност од 2,8 проценти.
Европската комисија отворено призна дека намалувањето на цената за дневен престој во болница од 5,8 лева (2,97 евра) на 1 лев било пресудно. „Падот на годишната HICP инфлација во април 2025 главно се должи на значително намалување на болничките такси“, стои во конвергентниот извештај на Комисијата. „Во април, болничките такси беа намалени од 5,8 BGN на 1 BGN, што предизвика пад од 2,9 процентни поени кај годишната инфлација на услугите“, се вели понатаму.
Иако Бугарија долги години важи за стабилен кандидат за еврозоната поради буџетска дисциплина и стабилниот курс на левот врзан за еврото преку валутниот одбор, инфлацијата постојано претставуваше предизвик. „Зголемувањето на инфлацијата во Бугарија во 2025 година е од привремена природа и главно се должи на покачувања на даноци и администрирани цени во јануари 2025 година, делумно компензирани со намалувањето на болничките такси во април“, соопшти Комисијата.
Според официјалните податоци, годишната HICP инфлација за периодот мај 2024 – април 2025 изнесува 2,7 проценти, а цените во секторот здравство бележат најголем пад – од 11,5 проценти.
Никој не го спори значењето на намалените болнички трошоци врз инфлацијата, но прашањето останува – какво е нивното реално влијание врз функционирањето на болниците, кои и онака се во тешка состојба. Иако износите се релативно мали споредено со нивната тежина во индексот, сепак создаваат финансиски празнини.
Бугарското Министерство за здравство, на прашање на Политико, одговори дека ги „поддржува сите политики што имаат за цел намалување на финансискиот товар за домаќинствата“ и дека мерката е во согласност со препораките на Советот на ЕУ.
Меѓутоа, здруженија на медицински работници испратиле писмо до Министерството во кое бараат поништување на одлуката, наведувајќи дека таа е наметната без консултации и носи сериозни ризици. „Од медиумите дознавме дека намалувањето на [болничката] такса се претставува како мерка за подобрување на пристапот до здравствена заштита. Сепак, тоа не ги решава структурните проблеми и носи сериозни последици. Иако симболична, таксата претставува извор на приходи за здравствените установи, особено важен за руралните и оддалечени региони“, се вели во писмото.
Според бугарски медиуми, загубата за Универзитетската болница „Св. Екатерина“ во Софија се проценува на 40.000 лева (околу 20.450 евра) годишно.
Според извештајот на ОЕЦД од 2023 година, Бугарија е земјата со највисоки директни плаќања од џеб – 34 отсто од сите здравствени трошоци, додека просекот во ЕУ изнесува 15 отсто.
Министерството за финансии на Бугарија ги отфрли тврдењата дека намалувањето на цените е поврзано со еврозоната, наведувајќи дека „секогаш била сигурен партнер во обезбедување точни статистички податоци и нема да дозволи дезинформации и шпекулации да го нарушат угледот на институциите“.
Портпарол на Националниот завод за статистика изјави дека „НСИ само обезбедува статистички податоци, додека одлуките ги носат други институции“.
Атанас Пеканов, економист и поранешен заменик-премиер, изјави дека контролата на цените не е нешто невообичаено. „Постојат државно контролирани цени во многу земји од ЕУ. Ова не се цени што до вчера беа пазарни, па сега ги контролира државата. Станува збор за услуги чии цени отсекогаш ги одредувала државата“, изјави тој за Политико.
Тој додаде дека Бугарија можеби веќе ќе ги исполнеше критериумите доколку другите земји-членки немаа ограничувања преку итни мерки. „Најмалку, не сме добиле никаква опомена или препорака од европските институции дека на некој прикриен начин го третираме долгот“, изјави Пеканов.
Сепак, Стив Ханке и натаму останува скептичен. Тој има развиено формула за пресметка на оптимална стапка на раст на паричната маса за одржување на ценовната стабилност, која моментално за Бугарија е околу 6,3 проценти. „Од април 2023 година, годишната стапка на раст на паричната маса во Бугарија е далеку над 6,3 отсто. Со оглед на ова, изгледа дека инфлациските податоци се разубавени за да изгледаат подобро (читај: пониски) од вистинската состојба“, изјави тој.
Конечната одлука за пристапување на Бугарија во еврозоната и утврдување на конверзискиот курс се очекува да биде донесена на состанокот на Советот на 8 јули.