Сточарите од штипско и радовишко се жалат дека дел од јагнињата останале неоткупени. Причина е ниската откупна цена која ја нудат кланиците од 230 денари за килограм жива мера, што за нив е под прагот на рентабилност. Од друга страна, приватните откупувачи им нудат по 300 денари, но во тој случај не ги следуваат субвенции.
Секоја година не лажат, вака ќе биде,онака ќе биде, ама од откупот на јагне оваа година воопшто не сем задоволни. Тутунот се продава по 500 денари, а јас не паметам тутунот да бил поскап од јанешкото. Од време сум сточар и не паметам да е било 2 килограми јагне, за 1 килограм тутун, изјави Асан Исмаилов, сточар.
До почетокот на месец март сите јагниња треба да бидат продадени, зашто откако ќе пораснат не се барани од трговците.
Само се мачиме, големите јагниња не ги купуваат. Од јагне од 15 и 20 килограми нема ништо пари, а ние се мачиме, Усеин Алиов, сточар
Многу слабо, трошок голем, а откуп за јагнињата нема. Чекаме, а јагнињата пораснаа. Бараме откупувачи, но не доаѓаат. Не знам зошто, дали немаат пазар, не знам како да ви кажам, изјави сточар.
Лани јагнињата се продаваа по цена од 300 денари за килограм жива мера, со што годинава речиси за една третина е намалена. Волната никој не им ја зема, а слабо оди и продажбата на сирењето. Ова е причината што низ селата во Плачковичкиот регион од година во година се намалува бројот на овци.