Поразителни бројки за иднината на државата, бројот на ученици драматично се намалува – за 7 години 17 000 ученици помалку во основните и средни училишта низ државава, а факултетите останале покуси за повеќе од 5000 студенти.
Од Министерството за образование велат овој тренд се должи на иселувањето од државата како и на намалениот наталитет, но се надеваат дека зајакнатата македонска економија ќе ги врати назад иселениците и нивните деца од дијаспората.
Бидејќи се уште траат уписите нема фининални податоци за бројот на ученици во претстојната учебна година, но намалувањето на бројот на ученици стана хроничен проблем. Поранешниот директор на Заводот за статистика, Дончо Герасимовски, вели дека за 10 години се затвориле 45 основни училишта низ државава, а голем број региони во Македонија активно се празнат.
Иселувањето од државата кое засили изминатите 15 години предизвика сериозни демографски поместувања. Земјава ја напуштија воглавно работоспособно и наталитетно население, што директно се одрази и на образованието.