Фани Каранфилова Пановска денеска е избрана за нова заменик претседателка на СДСМ, соопшти претседателот на партијата Венко Филипче по завршувањето на 30. конгрес.
Таа е човек со кој јас се познавам долго време, и знам дека ги носи во себе и цврсто верува во социјалдемократските вредности. Учествувала во работата на многу граѓански организации, најмногу во Фондацијата „Отворено општество“ и соработувала со други правни субјекти кои ги делат вредностите така како што се поставени во постулатите на нашата партија, рече Филипче.
На конгресот, на кој присуствуваа 536 од 626 нови делегати, беше избран Централниот одбор на партијата, а до крајот на неделата ќе избрано и целото ново раководство на СДСМ.
Првиот состанок на новиот Централен одбор ќе се одржи во текот на оваа недела и тука ќе бидат избрани членовите на новиот Извршен одбор, потпретседателите и секретарите на партијата, со што во текот на оваа недела се заокружува целокупниот процес на поставување на новото партиско раководство, рече Филипче.
Без да соопшти детали кои се лицата што ќе бидат дел од партиското раководство, лидерот на СДСМ рече дека тоа ќе бидат млади, енергични лица кои досега не биле на ниту една висока партиска функција и дека тоа најверојатно ќе биде соопштено до крајот на неделата во четврток или во петок.
Запрашан зошто на конгресот не беше присутен Зоран Заев, поранешен лидер на партијата, рече дека тој не бил физички присутен тука.