Прекинот на огнот меѓу Израел и либанската милитантна група Хезболах стапи на сила денеска во раните утрински часови откако двете страни го прифатија договорот постигнат со посредство на САД и Франција.
Либанската армија, која има задача да помогне во обезбедувањето на примирјето, објави дека се подготвува да се распореди на југот на земјата.
Војската, исто така, побара жителите на пограничните села да го одложат враќањето дома додека израелската војска не се повлече.
По стапувањето на сила на прекинот на огнот, можеше да се слушнат рафали низ главниот град на Либан, Бејрут, пренесува Ројтерс.
Засега, како што се додава, не е јасно дали пукањето било славенички.
Подоцна, пишува Ројтерс, автомобили и комбиња натоварени со душеци, куфери, па дури и мебел се движеле низ јужниот пристаништен град Тир упатувајќи се на југ.