Над 3.500 домаќинства од ранливи категории една година ќе добиваат по 1.000 денари субвенција на сметките за електрична енергија. Министерството за енергетика го објави огласот кој ќе трае до почетокот на септември. Планирано е да се потрошат 42,3 милиони денари. А право на поддршка имаат:
- домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост
- со најтешка телесна попреченост
- потполно слепо лице и глуво лице
- корисници на посебен надоместок заради попреченост со навршени 26 години
Критериум е месечните примања во минатата година да не им биле повисоки од:
- 24.500 денари за едночлено домаќинство,
- 42.000 денари за домаќинство со два члена,
- 60.000 денари за домаќинство со три члена и
- 80.000 денари за домаќинство со четири и повеќе члена, не сметајќи го посебниот надоместок согласно Законот за социјалната заштита
Лицата треба да се пријават 30 дена од објавувањето на огласот. Да поднесат пополнет образец кој го има на веб-страницата на Министерството заедно со:
- Заверена изјава за точност на документите
- Фотокопија од решението за додаток или надоместок за згрижување
- Последна сметка за струја
- Лична карта на апликантот
- Доказ за членовите на домаќинството
Поддршката изнесува 1.000 денари месечно и ќе се одбива директно од сметката за струја. Помошта ќе се исплаќа 12 месеци.Од министерството напоменуваат дека со неплатени две последователни сметки за струја може да се укине поддршката.
Над 400 домаќинства добиваат помош со претходниот оглас со кој беа предвидени 6 милиони денари за две категории: домаќинства со деца со попреченост и згрижувачки семејства. Од Министерството најавуваат и нови огласи за други категории ранливи потрошувачи. А во пресрет на грејната сезона, ќе има и субвенции за набавка на клими- инвертери. Наскоро ќе се знае кој и колку пари ќе може да добие и под кои услови.