Избраниците во народното Собрание тешко се откажуваат од привилегиите. Ниту овој парламентарен состав не ја поддржа иницијативата за кратење на патните трошоци и покрај реакциите во јавноста за високите суми кои се исплаѓаат од буџетот за оваа намена.
Пратениците не ја изгласаа иницијативата што ја поднесе Левица за намалување на износот на патните трошоци.
За предлогот гласаа 23 опозициски пратеници, додека само еден пратеник од ДУИ гласаше против.
А, откако не помина предлогот, со реакција се огласија од Левiца. Од таму велат дека предлогот не е популистички, туку е конструктивен и значително ќе ја намали сумата за патни трошоци. Равенката, според која предлагаат да се пресметуваат е според пазарната цена за 6,5 литри на секои изминати 100 километри.
Одбивањето нивниот предлог воопшто да биде ставен на дневен ред, значи дека останува на сила актуелниот Закон за пратеници, кој предвидува надоместок за користење автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 20 отсто од продажната цена на еден литар гориво, според изминат километар. Тоа значи дека за секои извозени 100 километри, на пратениците им следуваат 1.700 денари, плус патарини.