Далас Маверикс го избраа првиот избор на драфтот како што се очекуваше, а улогата на носител на тимот ќе ја преземе Купер Флег. Минатата сезона стручњаците во САД најмногу внимание му посветија на крилниот играч од Универзитетот Дјук.
За Купер Флег се вели дека е „генерациски талент“. Во Далас треба да биде прва ѕвезда и заштитно лице на франшизата по заминувањето на Лука Дончиќ. Далас го испрати Дончиќ во ЛА Лејкерс во замена за Ентони Дејвис во февруари оваа година.
Овој 18-годишник висок 206 см ги покриваше двете крилни позиции во НЦАА првенството и имаше многу значајна улога во тимот кој стигна (само) до полуфиналето оваа година по рекорд од 35-4 во лигашкиот дел.
„Чувството е неверојатно. Ова е сон што стана реалност и пресреќен сум што можам да го споделам со моето семејство“, рече Флег, кој доаѓа од престижниот универзитет Дјук, каде имаше просек од 19,2 поени, 7,5 скокови, 4,2 асистенции и по 1,4 украдени топки и блокади.
Сан Антонио го избра Дилан Харпер од Рутгерс, син на поранешниот НБА играч Рон Харпер, како втор избор, додека Филаделфија се одлучи за В.Џ. Еџкомб од Бејлор како трет избор на драфтот.