Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на великанот на македонското револуционерно дело и државност, Гоце Делчев, по повод 153-годишнината од неговото раѓање.
Веројатно во историјата нема да најдете човек за кој толку многу се пишувало, зборувало и за кој се плачело, радувало…Тоа покажува дека Гоце Делчев е неразделен од македонскиот народ. Токму затоа еве и 153 години потоа како да е жив и мислам дека и следните 153 години ќе продолжи гоцевата приказна, изјави претседателката Гордана Силјановска-Давкова за годишнината од раѓањето на најголемиот македонски револуционер.
Во рамки на државниот настан, свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев положија и делегација на Владата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, делегација на Собранието, претставници на политички партии и граѓански здруженија и претставници на дипломатскиот кор.
По повод 153 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, панихида служеше Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан.