Основното јавно обвинителство Кавадарци повело постапка против две лица за кривично дело напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста согласно член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Јавно обвинителство денеска соопшти дека двајцата соизвршители осомничени за ова кривично дело, на 15 февруари во раните утрински часови, во дискотека во Кавадарци нападнале службено лице – полициски началник, кој во моментот бил на должност и постапувал за откривање на сторители на недозволена трговија со дрога.
Кога во дискотеката го забележале началникот на кого и претходно му упатувале заканувачки пораки преку други лица, осомничените на возраст од 31 и 33 години започнале да го туркаат и да го удираат со боксови по главата и телото, при што му ја скинале облеката и му нанеле повеќе повреди – набиеници и расекотини, се појаснува во соопштението.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци доставил предлог за определување мерка притвор за осомничените. Предлогот бил прифатен и судот им определил притвор во траење од осум дена.