На плоштадот „Илирија“ во Тетово попладнево се одржа протест свикан од иницијативата „Нула“ со мотото „протест против корупцијата која убива“. Граѓаните преку транспаренти побараа правда и вистинска одговорност за случајот со пожарот во дискотеката во Кочани, за пожарот во Модуларната болница во Тетово, за несреќата со автобусот „Беса транс“ во Бугарија, но и за несреќата на автобусот „Дурмо турс“.
Тие на почетокот со едноминутно молчење оддадоа почит на жртвите од Кочани.
-Бараме обвинителството за криминал и корупција да ги истражи причините за пожарот во модуларната болница и да поднесе обвинение против главните виновници во овој случај. Бараме да се формира независен тим кој ќе ги истражи сите кои намерно го одолговлекувале случајот, вклучително и јавните обвинители. За случајот во Кочани бараме независна истрага и вклучување на независни експерти. За Ласкарци бараме Апелациониот суд да го врати предметот на повторно судење и да ги земе предвид жалбите на јавното обвинителство. „За Беса Транс бараме кривичниот суд да изрече повисоки казни за обвинетите и сите функционери кои дозволиле автобусот со лажен сертификат над 20 пати да ја премине границата, да бидат изведени пред лицето на правдата, , изјави Бленди Ходаи, иницијатива Нула.
Со барање, но и апел до владата, излегоа и роднините на жртвите од модуларната болница и Беса Транс.
-За жал, од трагедија во трагедија имаме само напредок, бројот на жртви продолжува да се зголемува, се друго е регресија. „Непочитуван премиере, од понеделникот изгледа како да го вадите гневот и егото, вашата политика кон вашите противници, за да ја тргнете вината и да ја префрлите на нив, изјави Бурим Ислами, роднина на жртва.
-Јавно го прашувам Венко Филипче, колку чини животот на мојот брат и татко ми, јавно го прашувам Кочо Анѓушев, колку милиони чинат 14-те членови на нашето семејство кои беа живи запалени, господине Мицкоски, излеговте и кажавте дека ќе го започнете случајот од почеток, изјави Ибин Емшиу, роднина на жртва.
Организаторите на протестот, односно иницијативата Нула рекоа дека протестите ќе продолжат и следните денови.