Фирми за кои јавноста дозна дека со фиктивни измами ја оштетиле државата и добиле високи суми како поврат на ДДВ од буџетот, за речиси истата вредност се најдоа како должници на последната листа на неплаќачи на данок што ја објави Управата за јавни приходи. Како што објави Фактор, ова најверојатно значи дека државата и натаму си ги бара парите назад и не може да ги наплати, ставајќи ги овие фирми како неплаќачи на листата на должници „за долгови доспеани до 31.08.2024 година и неплатени до 30.11.2024 година“, ажурирана на 12 декември.
Во последната афера со фиктивен поврат на ДДВ, три фирми го изиграа системот за над 2,6 милиони евра. Аферата ја најави и потоа ја обелодени претходната директорка на УЈП, Сања Лукаревска. Со лажни фактури прикажувале голем обрт на купена и продадена нафта, па потоа повлекле пари за фиктивно платениот ДДВ.
Последна фирма што е објавена на најновата листа на должници на УЈП, а претходно беше објавена во јавноста, е „Шутало’“ со речиси 80 милиони денари непплатени за ДДВ. Неколку месеци на листата е и „Антик Оил“, за која беше обелоденето дека е дел од лажните нафтени компании кои го измамиле системот. „Антик Оил“ кој имал ист газда и иста адреса со „Шутало“ должи исто така 80 милиони денари, од кои 59 милиони за ДДВ и 21 милион по други основи.
Сумите се поклопуваат со оние кои беа објавени од УЈП при обелоденувањето на аферата. Беше обзнането дека се три компании кои работеле во регионот на Липково и Куманово.
- „Првата фирма во истрагата, откако со фиктивни фактури се обидела да врати 79.350.190 денари ДДВ, го сменила сопственикот, на државјанин од Хрватска. Втората фирма под истрага, откако се обидела да изнуди 26.090.205 денари, ја променила сопственоста на косовски државјанин. Третата фирма која имала ист почетен сопственик како и првата откако креирала фиктивни повратни фактури на ДДВ во износ од 54.676.727 денари, го преименувала сопственикот со друг државјанин на Косово“, рекоа тогаш од УЈП.
Од таму беше кажано дека доказите уште од крајот на минатата година се испратени до Основното јавно обвинителство, МВР и Управата за финансиска полиција. Засега од УЈП молчат и не кажуваат конкретно, додека трае истрагата, зошто овие фантомски фирми кои на нечесен начин добиле пари од државата, сега се на листата на должници за неплатен ДДВ. Од таму нема одговор колку вакви фантом фирми има на листата на која има околу 5.000 правни и физички лица.
Повеќе на Фактор.