Златната топка, односно фактот што Винисиус Жуниор не е лауреат оваа година, се уште е тема на светските медиуми. Наградата за најдобар, му припадна на играчот од средниот ред Родри, кој со шпанската репрезентација го освои Европското првенство и со Манчестер сити Премиер лигата.
Многумина мислат дека овој избор му нанел неправда на Бразилецот кој со Реал Мадрид ги освои Лигата на шампионите и шпанското првенство, а особено го мислат тоа во Реал, поради што ја бојкотираа церемонијата во Париз.
Винисиус смета дека причината поради која е втор, а не прв во гласањето на новинарите за добитник на наградата е неговата борба против расизмот.
Тоа го пишува „Ројтерс“, повикувајќи се на луѓе блиски до 24-годишниот напаѓач.
„Ова ќе го направам уште десет пати. Тие не се подготвени“, беше пораката што Винисиус ја објави на социјалните мрежи откако не го освои трофејот.
„Ројтерс“ ги контактирал луѓето кои раководат со неговата кариера за да го дознае одговорот на прашањето што точно значи пораката.
Одговорот е дека Винисиус „се осврнал на својата борба против расизмот“, пишува „Ројтерс“ и додава дека контактираните мислат дека тоа е причината поради која не ја добил наградата.
„Фудбалскиот свет не е подготвен да прифати играч кој се бори против системот“, цитира соговорник од кругот на луѓе кои раководат со кариерата на играчот, кој е честа мета на расистички скандирања на натпреварите во Шпанија.