Судскиот процес за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжи денес со сведочење на Музафер Каришиќ, полицаец кој учествувал во потрагата по исчезнатото девојче на денот на нејзиното пријавување. Каришиќ опиша детали од денот кога исчезнувањето било пријавено, истакнувајќи дека таткото на Вања, Александар, се однесувал чудно и постојано велел дека неговата ќерка е убиена, иако потрагата била во тек.
„Со роднина од кај мајката тргнавме да пребаруваме, но таткото цело време седеше во автомобилот и тврдеше дека девојчето е убиено,“ изјави Каришиќ. Според неговото сведочење, таткото одбил да учествува во пребарувањето, што било чудно за сите присутни. Мајката предложила да го проверат станот во Капиштец, каде што немала клучеви, но Александар рекол дека веќе бил таму. И покрај тоа, полицијата ја продолжила претрагата, но таткото продолжувал да тврди дека потрагата е залудна.
Каришиќ опиша дека додека тие пребарувале низ различни места, вклучувајќи скривалишта и напуштени објекти, таткото цело време бил во возилото и изразувал песимизам. „Пребарувавме подруми, гаражи, па дури и Средно Водно, но Александар постојано велеше дека девојчето е убиено и дека залудно трошиме време,“ додаде Каришиќ.
На прашање од обвинителот зошто таткото бил толку убеден дека неговата ќерка е убиена, Каришиќ изјави дека го прашувале дали има долгови или лични конфликти, но не добиле јасен одговор. „Нам ни беше чудно зошто таткото веднаш претпостави дека девојчето е убиено, без да размисли за други можности, како што е фактот дека таа била во пубертет,“ објасни сведокот.
Сведочењето на Каришиќ го отвори прашањето за однесувањето на таткото, што дополнително го комплицира случајот и ја продлабочува истрагата за мотивите и околностите околу трагичните убиства.