Доколку сакате колоноскопија со анестезија дојдете после 14 часот на приватно, доколку не, може на државно, се жалат пациентите од дополнителните трошоци за некои од скрининг процедурите кои се клучни за превенција од онколошки заболувања.
Сепак, и да сакаме да ги препратиме пациентите на превентивни прегледи, освен во Скопје, во останатите помали клиники и амбуланти, за нивно извршување опрема нема, не функционира или пак нема кадар, вели првиот човек на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски на Светскиот ден за борба против ракот, додавајќи дека наскоро матичните лекари ќе ги препраќаат пациентите на скрининг процедури и за тоа ќе треба да исполнат квоти.
И кога имаме можност за скрининзи, многу од препратените пациенти не доаѓаат, што значи дека и едукацијата за потребата од овие скрининзи како превентива од рак мора да се развива, вели Јовица Андоновски од Министерството за здравство.
Се уште се разгледува финансиската можност да се набави втор пет скенер за да се зголеми бројот на извршените пет скенови од две на три илјади годишно, вели Клековски. Од Министерството за здравство пак, известуваат дека оваа година е планирано проширување на програмата за скрининг на рак на црн дроб, како и превентивни прегледи за рак на простатата.
Светската здравствена организација со алармантни податоци – секој петти човек заболува од рак а во следните 25 години, бројот на заболени од рак ќе се зголеми за 77%, што ја акцентира клучноста на превенцијата од онколошки заболувања.